Првиот премиер Албанец на Северна Македонија – Груби: Ковачевски увери дека ќе го почитува договорот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По скоро 3 години владеење СДСМ-ДУИ, се актуализира повторно темата „Првиот премиер Албанец! Пред неколку дена Бујар Османи и Артан Груби најавија дека се уште важи договорот склучен меѓу претседателот на ДУИ, Али Ахмети и тогашниот претседател на СДСМ, Зоран Заев во 2020 година за последните 100 дена од оваа Влада, Северна Македонија да има премиер Албанец за прв пат во историјата.

Артан Груби синоќа во емисијата „Дебат Плус“ изјави дека сегашниот премиер Димитар Ковачевски ветил дека ќе го почитува договорот.

„Тогаш со г. Зоран Заев постигнавме договор, кога беше он премиер, дека последните 100 дена тој ќе замине од Влада и на негово место ќе дојде премиер Албанец. Тоа го напиша и потпиша и самиот г. Заев и пред медиумите најави дека последните 100 дена на Владата Северна Македонија за прв пат ќе има премиер Албанец. Димитар Ковачевски кој стана премиер на состанокот увери пред сите дека договор постигнат со г. Ахмети ќе биде валиден и во текот на неговиот мандат“, вели Артан Груби.

Реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека ова е потврда дека ДУИ ги брои деновите на Ковачевски и со ова се потврдува дека сите го гледаат Ковачевски како привремен премиер, нелегитимен, без авторитет во јавноста и кој наскоро ќе биде сменет.

Но Артан Груби во синоќешната емисија рече дека нема намера да стане првиот премиер Албанец.

„Немам такви амбиции, јас сакам да се памтам по ова“, вели Артан Груби.

ТВ21 побара став од СДСМ но и директно од премиерот Ковачевски, но не добивме одговор во врска со тврдењата на Груби, дали премиерот Димитар Ковачевски ќе го почитува постигнатиот договор меѓу Зоран Заев и Али Ахмети за премиер Албанец во Македонија последните 100 дена од Владата 2020-2024.