Поевтини цени на основните прехранбени продукти најави Горан Ѓеорѓиевски Претседател на Агро бизнис комората при ССК. Ова доаѓа по најавата на министерот Бектеши за субвенционирање и двојно намалување на цената на струјата за компаниите од прехранбената индустрија.
„Ова е еден сериозен исчекор нанапред во однос на тоа дека ќе добиеме пониска цена на електрична енергија која ќе овозможи цената на основните производи кои се произведуваат со овие шифри на дејност да бидат со цена доста прифатлива за крајните консументи односно за широките народни маси“, вели Горан Ѓеорѓиевски.
Но, денеска во разговор за ТВ21 Ѓеорѓиевски вели дека поевтинувањето треба да го почувствуваат прво компаниите. Компаниите до први декември треба да склучат договор со ЕСМ, па потоа следува стабилизација на пазарот.
„Цената на таа струја по пониска цена треба да ја почувствува бизнисот интерно, така да следствено од први јануари се очекува дека ќе има простор да се намали цената на основните производи отприлика до 10 %“, додава Горан Ѓеорѓиевски.
Цената на струјата за компаниите беше главна причина за поскапувањето на основните производи. Денеска Ѓеоргиевски вели дека цената на основните прехранбени продукти не зависи само од цената на струјата, туку и од други фактори, како цената на пченицата.
„Меѓутоа во даденава ситуација следите што се случува, извозот на украинската пченица преку Црно Море која патува до двете земји сега е ограничена односно Русија излегува од договорот и тоа предизвикува притисок на пазарот, порача Горан Ѓеорѓиевски.
Ѓеоргиевски објаснува дека понудата и побарувачката на суровините кои учествуваат во финалниот производ ја диктира цената.
Така што ако во следниот период следува намалување на цената на струјата, но можеби цената на основните суровини инпути кои учествуваат во финалниот производ ќе се зголемува.
Но, Бектеши пред неколку дена имаше јасна порака за компаниите.
„Ако инпутот на електрична енергија кој учествува во формирањето на финалната цена не се намалува и во финалната цена на производите тогаш имаме други механизми. Сме ги разговарале со стопанствениците да нема такви злоупотреби, бидејќи можеме да донесеме долука за целосно замрнување на цените на производите каде ќе се утврди дека инпутот за намалување на ставката на електричната енергија не евкалкулиран во финалната цена“, вели Крешник Бектеши.
Стопанствениците тврдат дека ќе ја следат целата ситуација, и потоа ќе се утврди финалната цена на прозводите од први јануари.
