„Тоа што тие не изградија за 6 години, ние го завршивме за 6 месеци.“ Ова се пораките од денешната свечена церемонија на Владата за пуштање во употреба на експресниот пат Страцин – Крива Паланка. СДСМ претходно се пофали дека патот бил 90 % готов, а власта дека во јули лани немало ниту еден сантиметар асвалт на него. Церемонијата на официјалното пуштање во употреба помина со многу „благодарам“.
„Благодарам што дојдовте на пуштањето во употреба на овој капитален експресен пат. Прв капитален проект на Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Проект кој што е изграден за само 6 месеци и е завршен“, рече Коце Трајановски.

„Претседателе благодарам. Ова е пред се негова лична заслуга, зошто прв пат во историја на Македонија се заврши еден проект на време. Беше 31.12 ветено. Јас и директорот Трајановски на 31.12 го извозевме прв пат овој пат и пративме информација до премиерот дека патот е готов“, вели Николоски.
Премиерот, пак, ја спушти топката.
„И наместо да им се извинат на граѓаните што не успеаја во изминативе 6 години тоа да го направат, тие денеска потрчаа да соберат политички поени. Сакам да им кажам на граѓаните кои што ќе го користат овој пат. Ова не е пат ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на било која друга политичка опција. Ова е пат на граѓаните“, изјави Мицкоски.

Кредитот кој што е добиен од страна на финансиските институции, ќе биде враќан од парите на граѓаните. Затоа нема никој право да го присвојува.
Неколку часа пред официјалната церемонија, изјави на патот дадоа поранешните функционери од СДСМ. Рекоа дека со гордост објавуваат дека патот е завршен.
„Со гордост ја споделуваме веста за завршување на експресниот пат Страцин- Крива Паланка. Овој проект беше започнат во време на СДСМ во 2018 година и над 90% беше реализиран до средината на 2024 година. Станува збор за стратешки проект, стратешка инвестиција која е многу важна за развојот на североисточниот плански регион“, рече Бочварски.

На ова реагираше и ВМРО-ДПМНЕ.
„Господата од СДС, изминативе седум години, не успеаа да го завршат експресниот пат Страцин-Паланка, па мораше ВМРО-ДПМНЕ експресно за само 6 месеци да го пушти во употреба“, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, со пуштањето на експресниот пат, од Страцин до Крива Паланка патувањето од 30 минути се крати на 10 минути, а од Крива Паланка до Куманово наместо за еден час ќе се стигнува за 40 минути. Експресниот пат кој е дел од Коридор 8, е со должина од 25,5 километри. Вкупната инвестиција е околу 94 милиони евра, обезбедени преку кредит од Светска банка и грантови.
