Работници без плата и без здравствено осигурување, советниците на ДУИ го обвинуваат Касами, реагираа од Општината

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Работниците на ЈКП Тетово продолжуваат да ја изразуваат својата загриженост за непримање на платите. Иако добија една плата, комуналното претпријатие им должи на работниците уште три плати. Најголем проблем е што немаат здравствено осигурување, без можност да добијат медицински услуги кога им е потребно.

„Имаме семејство, имаме деца, немам здравствено осигурување, нема ниту жена ми. За да одиш на лекар треба да платиш приватно. Ни дадоа една плата, колку за да плаќаме струја или нешто слично, но платата што ја земавме отиде за струја и интернет. Бевме минус четири плати, сега сме три. За 9, 10 и 11 месеци се уште не сме земале плата. Немаме осигурување, морам да одам на лекар, имам проблем со окото, но не можам да одам бидејќи немаме ни осигурување ни ништо“, вели еден од вработените.

Реагираа и советници на ДУИ во општина Тетово. Побараа од градоначалникот Билал Касами посериозно да работи на оваа прашање. Советникот, Ветон Мурати рече дека пред една година општината издвоила 25 милиони денари и никој не дал отчет каде завршиле тие средства.

-Пред една година на вонредна седница на општинскиот совет,на барање на раководството на општината, беа издвоени 25 милиони денари за Јавното комунално претпријатие, со цел на работниците да им се исплатат 3 плати кои претпријатието им ги должеше. На таа седница побаравме доказ дека овие средства ќе одат за работниците, но градоначалникот категорично одби овие докази да му се достават на општинскиот совет. Денеска по една година, работниците на ЈКП се заборавени и 3 месеци без плата и здравствено осигурување, затоа бараме од градоначалникот наместо да се шета низ Европа, и излезе и да понесе одговорност-рече Ветон Мурати.

Од општината велат дека покачувањето на минималната плата предизвикало уште подлабока криза во ова претпријатие.

-Средствата од 25 милиони денари завршија на жиросметките на работниците. Но проблемите кои се таложеле со години не може да ги решиме за кратко време. Поради линеарното покачување на платите, финансиската состојба во ова претпријатие е влошена.“, рече Бесарта Рамадани, портпаролка на Општина Тетово.

Како и минатата година, општина Тетово финансиски ќе му помогне на ЈКП. Пред 6 дена вработените во ЈКП Тетово протестираа поради тоа што немаат земено плата и затоа не го собираа ѓубрето. По извршениот притисок, претпријатието им пушти една плата колку да се вратат на работа и ѓубрето да се тргне од улиците на градот.