Радев му одговори на Пендаровски: Македонските политичари да ја кажат вистината за Евреите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По барањето на македонскиот претседател Стево Пендаровски упатено до Бугарија за извинување за депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка, бугарскиот претседател Румен Радев вели дека таа не се потпира на историската вистина. Радев уште и побара билатералните односи со Бугарија да не се градат, како што рече, со идеологиите на  тоталитаризмот.

„Интересот на претседателот на Северна Македонија за историјата е за пофалба, но тој треба да се потпира на историската вистина. И политичарите во соседната земја се должни на своите граѓани да им ја кажат вистината за нивната историја која десетици години е обвиена со манипулации и лаги. Вистината за еврејското прашање. Вистината за гонење и репресија на македонските Бугари“, вели Румен Радев.

Претседателот Пендаровски на одбележувањето на 80 години од депортацијата на македонските Евреи во Втората светска војна ја прозва Бугарија и рече дека денешните генерации немаат право да смируваат нечија нечиста совест за холокаустот на македонските Евреи.

„Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт? За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи“, порача Стево Пендаровски.

Во неделата со марш од Старата железничка станица до Монополот, токму низ улицата каде што поминаа жртвите беа одбележани 8 децении од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка.