Радост за децата сирачиња и сиромашните – ХО „Клас на милосрдието“ им обезбеди нова облека за Бајрам!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Радосни, насмеани и полни надеж. Овие деца си избраа облека за празникот Бајрам. Ова им го овозможи хуманитарната организација Клас на милосрдието која израдува над 200 деца со купони во вредност од 3 илјади денари за да си купат нова облека за Бајрам. Ова беше наменето за децата сирачиња и оние од семејства со тежок социјален статус. Ова детенце си ги избра омилените патики. Едно друго детенце чекаше ред и кажа што сака да си купи.

„Панталони, блуза и патики“.

Родителите се среќни, бидејќи нивните деца ќе го прослават Бајрам со нова облека.

„Благодарност до Клас на милосрдието и здруженијата кои ни помогнаа, со ифтари, со пакети со храна, со се што ги израдуваа нашите деца за Бајрам“, вели родител.

Овие купони во вредност од 3 илјади денари им помогнаа и на бизнисите во земјава во ова време на пандемија.

„Има голема побарувачка, на семејствата со социјална помош  им треба се. Клас на милосрдието им помогна многу, но и ние на некој начин им правиме попусти бидејќи им треба се, и облека и се друго“, посочи продавач.

Мухамед Мехмеди од Клас на милосрдието вели дека оваа традиција со години трае во Кичево и секојпат во фокус се сиромашните и сираците.

„Ние се трудиме за секое дете да обезбедиме сума од 3 илјади денари, се дава еден купон од 1000 денари за чевли, потоа купон од 1000 денари за панталони а другиот дел е за облека која си ја избира детето од компании со кои имаме договор да ги примат овие деца и да им дадат што им одговара, потоа тие го оставаат купонот во бутикот,  подоцна по празникот Бајрам ќе ги покријат тие трошоци“, вели Мухамед Мехмети.

Оваа хуманитарна организација за време на Рамазан подели стотици пакети со прехранбени производи и над 6000 ифтари во Кичево и околината.