Платите на вработените во обвинителството би можеле да се зголемат до 40 проценти, но покачувањето ќе се реализира етапно. Ова го најави државниот јавен обвинител Ненад Савески во ексклузивно интервју за емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, посочувајќи дека со новиот колективен договор се предвидува подобрување на материјалниот статус и условите за работа на вработените во обвинителството.
Според најавите на Савески, зголемувањето нема да биде еднократно, туку ќе се спроведува постепено, со цел во одреден период платите да достигнат до 40 проценти повисоко ниво од сегашните примања.
Државниот јавен обвинител оценува дека подобрувањето на финансиските услови е значаен чекор кон поголема мотивација и професионалност кај вработените, но и кон намалување на ризикот од корупција.
Новото решение треба да придонесе за подобар статус на вработените и поефикасно функционирање на обвинителскиот систем.
Повеќе детали за најавените промени, како и за другите актуелни прашања поврзани со работата на обвинителството, Савески ќе открие во интервјуто за „Клик Плус“ на ТВ21, кое ќе се емитува во вечерва со почеток во 21:30 часот.
