Раичевиќ: Извештаите на Обвинителството не ја покажуваат вистината – нема податоци за незаконски одлуки и лошо сработени предмети

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Годишните извештаи на Јавното обвинителство не ја прикажуваат вистинската состојба во институцијата, туку нудат само статистички податоци без суштинска анализа на квалитетот на обвинителското работење. Ова го истакна кандидатката за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Лидија Раичевиќ, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.

Раичевиќ, која и самата учествувала во подготовка на ваков извештај, тврди дека документите се исклучително сложени за изработка, но дека не можат да дадат целосна и точна слика за работењето на обвинителите.

„Јас една година сум го работела тој извештај кога бев во Обвинителството и тоа е вонредно тешка работа технички. Меѓутоа, најодговорно ви тврдам дека никогаш не може да биде апсолутно точен, ниту по цифри, ниту по статистика, ниту по изведени заклучоци“, изјави Раичевиќ.

Според неа, извештаите се сведуваат на формален приказ на бројот на примени предмети, донесени одлуки и завршени постапки, без да се навлезе во суштината на работата.

„Тој извештај е така структуриран да не зборува животно за Обвинителството, дава само формалистички пресек. Колку предмети влегле, како биле обработени, колку одлуки се донесени, колку се завршени, колку не се завршени“, посочи Раичевиќ.

Таа нагласи дека проблемот не е само во статистиката, туку и во отсуството на податоци за евентуалните пропусти и грешки на обвинителите.

„Слабостите на обвинителското работење во извештајот нема да ги прочитате. Ќе прочитате колку кадри треба и што треба. Меѓутоа, нема да прочитате колку обвинители не ги сработиле како што треба предметите“, рече Раичевиќ.

Особено го истакна недостигот од информации за законитоста на донесените одлуки и нивното преиспитување од повисоките обвинителски инстанци.

„Нема да прочитате колку решенија од тие што се наведени како цифра не се донесени во согласност со законот, па биле обжалени, дали вишото обвинителство ги укинало или не ги укинало“, нагласи таа.

Раичевиќ посочи дека и како научен работник повеќепати се обидувала да користи податоци од обвинителските извештаи, но се соочувала со проблеми при извлекувањето релевантни заклучоци.

Според неа, вистинската транспарентност на идниот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција треба да подразбира отворено и искрено претставување на состојбите, вклучително и слабостите во постапувањето.

„Колку што разбрав, прашањето беше колку новиот обвинител ќе биде транспарентен и отворен кон јавноста искрено да ја каже состојбата во Обвинителството. Тоа преку извештај, за мене, не може“, порача Раичевиќ во „Клик Плус“ на ТВ21.