Рама: Јас сум католик, мојата сопруга е муслиманка, двете постари деца се православни – нашиот најмлад син, ако сака, може да избере да биде од еврејска вера…

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот на Албанија Еди Рама во интервју за Си-Ен-Ен рече дека земјата ќе прими околу 4.000 Авганистанци и дека не се работи за религија или боја, туку за луѓе.

Рама рече дека Албанија треба да обезбеди засолниште и доверба за бегалците за време на кризата.

„Не станува збор за вера или боја, туку за луѓе, треба да им дадеме засолниште … Како можеме да дозволиме овие луѓе да умрат? Како да им ја затвориме вратата? Работиме да ги примиме, ќе има околу 4.000 од нив “, рече Рама.

Тој посочи дека одлуката на албанската влада да им помогне на Авганистанците не е од религиозна природа, додавајќи дека фактот дека Албанија и Авганистан се претежно муслимански земји нема влијание врз одлуката на владата да прифати бегалци.

„Јас сум католик. Мојата сопруга е муслиманка. Двете постари деца се православни. Нашиот најмлад син, ако сака, може да избере да биде од еврејска вера. Се работи за луѓе, без разлика на бојата на кожата, културата или верата“, рече Рама.

Според него, доколку Европската унија и САД одлучат да ја повлечат поддршката за авганистанските бегалци, Албанија нема да го стори тоа, туку ќе им обезбеди азил.