Рама за „Кориере“: Ја завршивме домашната задача за ЕУ, но не е прашање на живот или смрт

НАЈНОВИ ВЕСТИ

 Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“ покажува сенка на разочарување од преговорите за влез на Албанија во Европската унија.

„Тоа е еден тежок момент“,  објаснува Рама, а бегалската криза во 2015 година поткрена популистички бран и првата жртва е процесот на проширување на ЕУ“.

-Стравот никогаш не е добар советник. Ние ја завршивме нашата домашна задача. Сега почетокот на преговорите зависи од Бугарија и од ефективноста на внатрешниот притисок на другите земји. Но, не се работи за живот или смрт. Реформите се направени затоа што на Албанија и се потребни за да изгради модерна Албанија, вели Рама.

На прашањето какви се односите на неговата земја со Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија, тој одговара дека никогаш не биле подобри.

-Никогаш не биле подобри, секако дека има проблеми како признавањето на Косово од Србија, но мислам дека можеме да изградиме заеднички пат. Потоа од нас зависи дали ќе успееме или ќе сакаме да паднеме во замките на минатото, одговара Рама.

На констатацијата на новинарот дека Албанија е широкограда земја, која тоа го покажала со испраќањето медицински тимови во Италија во март 2020 година во екот на пандемијата со Ковид-19 а сега и со прифаќањето на авганистански бегалци, тој вел дека „ имаме меморија што ја чуваме затоа што не сме доволно богати“.

-Вистината е дека имаме меморија што ја чуваме затоа што не сме многу богати. Италија направи толку многу за нас што ниту два животи не би биле доволни за да ѝ се заблагодариме, тие неколку лекари сигурно не го сменија текот на борбата против Ковид-19, но можеа да покажат дека и ние ја доживуваме вашата болка. Што се однесува до Авганистанците, ние сме земја членка на НАТО и тоа беше најмалку што можевме да направиме за луѓето кои веруваа во нас и работеа за нас, изјави Рама.

Тој во интервјуто зборува и за одличните односи и соработка со Италија, која ја нарекува „мој втор дом“, поради големата албанска емигрантска заедница, како и за барањето за решавање на прашањето со добивањето пензии на албанските граѓани „кои со години работеле во Италија и плаќање придонеси“.

Рама вчера беше гостин на италијанскот премиер Марио Драги.