Основачот на рускиот производител на беспилотни летала „Уралдронзавод“, Владимир Ткачук, е тешко повреден по експлозија на автомобил-бомба во близина на Екатеринбург, во напад што претставува уште еден во низата инциденти насочени кон личности поврзани со руската воена индустрија. Веста ја потврди и Гардијан.
Според руските државни медиуми, експлозивната направа била поставена под неговиот „Мерцедес“ и експлодирала во средата. Ткачук веднаш бил префрлен во болница, додека неговиот телохранител загинал на местото на настанот.
Руската новинска агенција ТАСС објави дека Ткачук се наоѓа во критична состојба и дека лекарите се борат за неговиот живот.
На социјалните мрежи се појавија фотографии од целосно уништениот автомобил, кои сведочат за силата на експлозијата.
The car of the general director of Russia's Ural Drone Plant, Vladimir Tkachuk, was blown up near the city of Yekaterinburg in central Russia on Wednesday.
He suffered serious injuries a result of this apparent assassination attempt and was transferred to the intensive care… pic.twitter.com/ssZKHdqqz7
— Status-6 (War & Military News) (@Archer83Able) August 5, 2026
„Уралдронзавод“ е еден од водечките приватни производители на беспилотни летала во Русија, основан по почетокот на целосната инвазија врз Украина. Компанијата е најпозната по производството на FPV-камиказе дронот „Упир“ („Вампир“), кој се изработува со 3D-печатење во фабриката во Екатеринбург и широко го користат руските сили на украинското бојно поле.
Ткачук беше во фокусот на јавноста и во 2024 година, кога рускиот претседател Владимир Путин ја посети фабриката на „Уралдронзавод“, а токму Ткачук беше домаќин на посетата и го придружуваше низ производствените погони.
Засега нема официјални информации кој стои зад нападот, а руските власти започнаа истрага за експлозијата.
„Уралдронзавод“ и „Ткачук“ се под санкции од западните влади поради нивната улога во поддршката на руската војна. Ткачук е исто така основач на популарниот провоен Телеграм канал „Опседнат со војната“, кој има повеќе од 500.000 следбеници и се користи за собирање средства и набавка на воена опрема за руските војници кои се борат на фронтот.
