Иво Ранѓеловиќ, политиколог во „Дејли Клик“ на ТВ21 зборуваше за потегот на Џо Бајден да и дозволи на Украина употреба на американски ракети со голем досег на руска територија.
Тој рече дека Бајден се однесувал политички некоректно, и дека го става под знак прашалник мирот во светот.
„Интересно е што не добивме официјална потврда за потегот на Бајден, но политички е коректно да не го правите тоа на крајот на мандатот. Што го спречуваше Бајден порано да ја доносеше оваа одлука, па да го седне на маса Путин порано? Сето ова ми звучи многу балкански, а втората работа ако повлекувате таков потег, тогаш влогот го кревате не само кон Украина, туку кон цела Европа, и треба да имате „бекап“ план. Според мене тоа е избрзан потег, и малку одмазнички за сето она што му се случи, но влоговите се големи, и како што самите гледаме на коцка е светскиот мир, си играте со сила која е посилна во тој конфликт со Украина“, рече Ранѓеловиќ.
Ранѓеловиќ смета дека никому не требало една ваква провокација кон Русија, со оглед дека во САД ќе дојде нов претседател, кој го тврди спротивното од Бајден.
Политикологот Ранѓеловиќ рече дека Трамп најверојатно ќе сака да преговара со Русија и да се најде трајно решение за конфликтот со Украина, но и дека Трамп ќе го чека тешка задача во таа мисија.