Со едноминутно молчење во знак на почит на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани почна седницата на Постојаната Анкетна комисија за заштита на слободата и правата на граѓаните, на која присуствуваа и дел од семејствата.
Во првиот ред во салата седницата го следеше целиот државен врв, претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова, на Собранието Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски.
На почетокот Марија Петрушева мајка на загинатиот Андреj со емотивно обраќање побара вистинска правда за загинатите особено одговорност од актуелните функционери од Кочани
„Гледаме дека се процесуираат само оние најдолу додека носителите на функции еднакво одговорни кои од првиот момент требаше да бидат зад решетки продолжуваат безгрижно да се движат низ градот, додека нашите деца лежат под земја. Ова посебно се однесува за одговорните лица од ОВР Кочани, СВР Штип, Бирото за јавна безбедност, Државниот пазарен инспекторат, актуелната началничка во Кочани, началникот на Одделот за криминалистички работи во Кочани, главната инспекторка за економски криминал во Кочани, сменоводителот на денот на настанот“, вели Марија Петрушева, мајка на загинатиот Андреј.
Друга мајка побара одговори зошто ништо не било преземено во таа кобна ноќ и бараше одговорност.
„Кој ни ја гарантира безбедноста. Кој ни ја гарантира? Можете и вие да се најдете и јас и било кој како што нашите деца се најдоа таму. Датумот е 15 кон 16-ти се случи трагедијата. Не пред 20 години. Од тој датум ниту еден не е приведен“, рече мајка на загинато дете.
Семејствата на загинатите беа сведоци на меѓусебно препукување на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со претседателот на Комисијата Димитар Апасиев. Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ им се обрати на родители дека се манипулирани од Апасиев поради тоа што оваа Комисија нема да предизвика правна дејност. Таа рече дека во една изјава, Апасиев истакнал дека обвинението треба да падне и затоа бараше негово изземање од претседателствувањето со Комисијата и побара пауза.
Претставник од Супорт Кочани рече дека ова е недолично однесување на пратениците.
„Како не ви е срам. Тука пред нас од Кочани вие се препукувате. Расправата уште не почнала вие барате пауза од еден час. Па ние за еден час цела веб страна направивме од Супорт Кочани за да помогнеме, знаете ли што значи еден час. Навистина ќе кажам ако ова за некого е само уште една политичка активност, тогаш подобро и да не учествувате“.
Покрај Постојаната Анкетна Комисија, формирана е Анкетна Комисија по иницијатива на пратениците од власта во која покрај за Кочани треба да се расправа и за другите трагедии како што се Дурмо Турс, Беса Транс и Модуларната болница во Тетово.
