10 потврдени случаи со делта сојот се регистрирани во земјава. Само вчера се регистрирани 4. Еден пациент е во потешка здравствена состојба, а останатите се стабилни, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Ниту еден од заразените пациенти не бил вакциниран.
Од МАНУ, во чија лабораторија се тестираат пациентите заразени со Делта сојот, велат дека анализата на брисевите за овој сој трае од 24 до 48 часа.
Министерот Филипче ја отфрли можноста за затворање на државата заради појавата на случаи со делта сојот односно т.н. индиски сој. До крајот на неделата Комисијата за заразни болести ќе расправа и во врска со тоа дали ќе има нови мерки, односно дали ќе се бара негативен ПЦР тест на патниците кои доаѓаат од ризичните земји.
