Разбиена терористичка група во Струга и Гостивар: Уапсени четири лица, сакале да ја дестабилизираат Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Голема полициска акција е спроведена во тешкот на денешниот ден на територијата на Струга и Гостивар. По наредба на надлежен јавен обвинител извршени се претреси на неколку локации. Уапсени се четири лица, кои планирале терористички активности, односно загрозување на безбедноста на Македонија, но и други држави.

-Имаме доста докази во насока на поткрепено основано сомнение, дека овие лица постапувале, во насока да организираат во иднина, одредени несакани настани, кои што би можеле да ја загрозат безбедноста, како на Македонија, така и на други држави. Нивната цел била да индоктринираат, да коптираат, останати луѓе од Балканот, кои што би можеле да делуваат соодветно во насока реализација на нивните цели, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Сега веќе уапсените, но и други лица кои што не се на територијата на Македонија, подолг временски период биле следени од страна на надлежните безбедносни органи во Македонија, во соработка со партнерски меѓународни организации, со чија координација е постапено во случајот, вели Тошковски. Според сознанијата лицата биле поврзани со одредени религиозни и екстремистички групации.

-Кривичното дело за кое што е поднесена кривична пријава е терористичка организација, 394/1 мислам. Да, мотивите на оваа терористичка келија, така да ја наречеме, се поврзани со одредени групации. Имаме основани сомненија дека се поврзани со одредени групации кои што се во поддршка на одредени екстремистички и религиозни групи, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Повеќе информации не се откриваат, со цел да не се наштети на целата постапка. Од обвинителството најавија дека повеќе детали со јавноста ќе споделат во текот на утрешниот ден.