Северна Македонија во овој момент се уште ја подготвува стратегијата за пристапот кој ќе го заземе при новите рунди на разговори со Бугарија.
Имено, извори од македонскиот преговарачки тим утрово за Сител Телевизија потврдиле дека тие се во континуирана секојдневна комуникација со Министерството за надворешни работи на Бугарија во овие први денови од 2021 година.
Од таму велат дека нови средби меѓу македонската и бугарската страна се можни во текот на следната недела.
Инаку, до овој момент нема официјални информации за средбата и за карактерот на истата.
Како што велат, во фокусот на разговорите меѓу Македонија и Бугарија ќе биде акцискиот план кој е подготвуван од Македонија за пристапот и начинот на кој што ќе треба да продолжи спроведувањето на Договорот за добрососедство потпишан меѓу овие две земји.
Претходно, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров најави пауза за преговорите со Бугарија, додека кај нашиот сосед кој постави вето, не завршат изборите закажани на 28 март.
