Разрешен проф. Јовев од државната кардиологија – Меџити: Има лекари кои за цела година направиле само 5 до 10 прегледи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Има лекари кои за цела година извршиле само 5 до 10 прегледи, а земаат плата, а од друга страна пациентите чекаат долго за преглед на Мој термин,вели министерот за здравство, Фатмир Меџити. Според него состојбата почнала да се подобрува, а вети дека наскоро ќе излезе со точни бројки и проценти колку е намалено чекањето.

„Во текот на годината има лекари кои извршиле 5 или 10 прегледи. Ние знаеме дека има клиники со по 30-50 лекари, почит за тие кои што работат, но половина од нив не работат туку само доаѓаат и земаат плата. Од сега па натаму нема да биде така. Ние од МЗ ги презедовме и овие мерки и че се следи секој на Мој термин дали не го исполнува условот за преглед, за таа година ќе бидат санкционирани финансиски“, вели Фатмир Меџити.

Меџити потврди дека го разрешил од функција директорот на кардиохирургија Сашко Јовев. Не даде многу образложенија за разрешувањето на Јовев но само истакна дека имало неправилности во неговата работа.

„Нема да има веќе директори кои седат и спијат по 5, 10 години и немаат никаков резултат. Затоа Здравството е во таква амортизирана состојба и јас секогаш кога ќе има неправилности во работата и се друго, така ќе постапувам. Ова е само почеток и ќе видите понатаму“, додаде Фатмир Меџити.

Јовев во јавноста е познат како кардиохирург кој го водеше тимот кој ја изврши првата трансплантација на срце во земјава. Меџити очекува од 1 јануари 2024 да не постои веќе функцијата директор на некоја од клиниките туку само раководители, бидејќи како што појасни, платите на директорите и финансиските импликации се многу големи. Позицијата организационен директор веќе нема да постои.