Разрешени или поднеле оставки? Фатмир Лимани и Ирфан Бучи веќе не се функционери

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата го разреши Фатмир Лимани од функцијата заменик-директор на ЕЛЕМ, без да ги каже причините. Но, само пред неколку месеци, Лимани во „Клик Плус“, изјави дека самиот поднел оставка, но не во Влада, туку кај лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Мене ме предложи ДУИ и мојата неотповиклива оставка ја доставив кај претседателот на партијата, Али Ахмети и нејзините органи“, одговори Лимани на прашање од Тв21.

ТВ21 побара став и од Влада околу причините за разрешувањето на Лимани, но до ова информативно издание не добивме одговор. Прашавме дали со неговото разрешување од Влада ќе добие апанажа.

„Секако, со сите нив ќе биде постапено согласно законот. Доколку му следува апанажа, секако дека ќе ја добие“, рече генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири.

Владата вчера на дневен ред го имаше разрешувањето на заменик-директорот на Царина, Ирфан Бучи, но точката беше повлечена. Крешник Бектеши рече дека Бучи самиот дал оставка а Владата и партијата ќе дискутираат за случајот на Бучи.

„Ирфан Бучи известил еден член од Владата дека дава оставка од лични и семејни причини и затоа точката за неговото разрешување вчера била на дневен ред во Влада. Но, ова прашање ќе се дискутира на следните средби на Владата“, посочи минисерот за економија, Крешник Бектеши.

По кратко време и самиот Бучи на Фејсбук извести дека дава оставка од семејни причини.

„Од семејни причини (поради мојот син кој треба да се лекува од аутизам надвор од земјава, поради тоа долго време ќе отсуствувам) во петок на датум 14-05-2021 поднесувам оставка од функцијата заменик директор на Царина на РСМ“, истакна заменикот директор на царина, Ирфан Бучи.

Од Владата не дадоа точна бројка за тоа колку функционери се разрешени од своите функции.