Премиерот Христијан Мицкоски не се откажува од намерата за разрешување на дел од членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители иако деновиве претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски рече дека најавите за разрешувања се несоодветни, но и дека такво нешто не е предвидено со Законот за судски совет. Мицкоски сепак вели дека тоа ќе биде една од мерките која ќе ја преземат во борбата на подобрување на работењето на судско-обвинителскиот систем, но дека тоа ќе се случи по измените на Законот.
-Сега ние ако седиме на страна и во публика само критикуваме и ништо не преземаме тогаш сме ја изневериле довербата од граѓаните, граѓаните очекуваат акција од нас. Нелогично е тој што ги бира да не може да ги отповика посебно во услови кога не им го прифаќа Извештајот за работењето. Така што ги гледаме сите овие законски можности, се разбира дека ние како Влада нема да правиме ништо што е спротивно на законот и Уставот, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Дамева, Црвенковска, Адеми, Чочарова-Илиевски и Мустафа се петте члена кои се избрани од претходниот собраниски состав, а за кои актуелната власт има силни критики за нивното работење. Измени на Законот за судски совет се најавуваат веќе извесен период во кој треба да се внесат реформите предложени од Оценската мисија. Но, овие измени во однос на разрешувањата најверојатно ќе се случат претходно и тоа по предлог на пратеници. Како што неофицијално се тврди во нив треба да се предвиди како основа за разрешување да биде негативниот извештај за работењето на Судскиот совет. Според сегашното решение на овој закон има 6 основи за престанок на мандатот но во ниту еден од нив не се предвидува разрешување.
Можноста за разрешувања во Судскиот совет пред новогодишните празници ја најави и претседателот на Собранието Африм Гаши откако претходно законодавниот дом усвои негативен извештај за работењето на ова тело.
За најавите за можни законски измени деновиве реагираше и претседателот на СДСМ Венко Филипче кој рече дека секоја реформа предложена од Оценската мисија ќе ја поддржат, но не и најавите за законски можности за разрешувања на членови на Судскиот совет.
