Меѓусебни обвинувања меѓу власта и опозицијата за тоа кој е виновен за тоа што во Извештајот на Европскиот парламент преку амандманите на бугарските европратеници беше отфрлен македонскиот идентитет и јазик. Претседателот на СДСМ Венко Филипче смета дека ова е резултат на погрешните политики на власта на меѓународен план, а дека кога тие биле на власт го загарантирале македонскиот јазик и идентитет. Рече дека го прифаќа повикот на премиерот Мицкоски за заедништво во решавање на овие прашања.
„Одлуката на Европскиот парламент и усвојувањето на Извештајот се резултат на застранување од јасно утврдените стратешки позиции на државата и злоупотребата на јазикот и идентитетските прашања од страна на Владата за сопствена политичка кампања. Тоа е исто така директен резултат на дипломатските импровизации и целосна негрижа на Владата за зачувување на меѓународната позиција на државата.“, вели Филипче.

Критикуваат и од Европскиот фронт од каде велат дека тие и на почетокот предупредиле дека власта без етнички легитимитет покрај внатрешните проблеми државата ќе се соочи и со надворешни проблеми.
„Ние сакаме овој европски процес да продолжи, сакаме и сме спремни да дадеме придонес, но за да можеме да дадеме посуштински придонес треба и една суштинска отвореност тука во држава за да можеме сите заедно да го изодиме уште овој пат што е пред нас.“, рече Блерим Беџети.

На обвинувањата врати премиерот Мицкоски кој рече дека сегашната опозиција распродала од знаме до име и дека затоа немаат кредибилитет да судат.
„Луѓето коишто распродадоа сѐ што можеше да се распродаде во минатото, а којашто претставува идентитетска одредница, почнувајќи од знамето, завршувајќи со името, јас мислам дека апсолутно немаат кредибилитет да судат и да пресудуваат. А што направи оваа Влада? Се обиде да врати дел од загубеното и делумно успеавме.“, изјави Мицкоски.

Првиот човек на ЗНАМ Максим Димитриевски порача дека Македонија мора да се обедини доколку сака да се зачува и опстане.
„Ќе ги победиме овие погубни политики од минатото, ќе ја докажеме нашата вистина и ќе ја претставиме пред светот, но во оваа прилика заедно со сите мои колеги, не воден од политички мотиви, повикувам на национално обединување кое што ќе не спои, потпишување на една заедничка платформа и декларација на сите политички субјекти во Македонија каде што ќе покажеме општо единство.“, вели Димитриевски.

Европскиот парламент вчера го усвои извештајот за Македонија од европратеникот Томас Вајц, но притоа од текстот отпадна македонскиот јазик и идентитет откако беа прифатени амандманите на бугарските европратеници.
