По судирите меѓу првиот заменик-претседател на Владата Беким Сали и министерот за правда Игор Филков, следуваа низа реакции на социјалните мрежи. Со поддршка на вицепремиерот се изјаснија и неколку партиски опоненти. Генералниот секретар на ДУИ, Арбер Адеми, реагираше веднаш по објавата на министерот Игор Филков, нагласувајќи дека ниту еден правен аргумент не е на негова страна.
„Со г. Беким Сали имаме големи политички и концепциски разлики, почнувајќи од легитимитетот и понатаму, но иако е стоматолог, една работа точно ја кажа: Уставот е јасен и Законот за употреба на јазиците е јасен. Затоа, тука сум на негова страна против министерот, кој доби најмногу критики во Извештајот на Европската комисија. Со г. Сали ќе ја продолжам дебатата за други прашања, без компромис, но тука, во оваа дебата, тој е на моја страна.“, е ставот на Адеми.
Пратеникот Халил Снопче нагласува дека министерот за правда не може да постапува надвор од законот и Уставот. Според него, доколку Филков продолжи да дејствува спротивно на правилата, може да биде разрешен по предлог на премиерот и вицепремиерот.
„Филков е министер за правда и има надреден над себе; премиерот е шеф на Владата. Доколку премиерот вели дека законот е јасен, нема што повеќе да се дискутира. Ако Филков има луксуз да постапува надвор од законот, надвор од Уставот и надвор од она што го вели премиерот, тогаш тој излегува помоќен од премиерот — што нема логика. Затоа нема потреба ниту од интерпелација, и доколку продолжи со истиот курс, треба да биде разрешен по предлог на премиерот и вицепремиерот. Работата е сосема јасна.“, вели Снопче.
И претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, преку статус на Фејсбук застана на страната на првиот вицепремиер Беким Сали.
„Интересно е како државните испити во областа на Медицината и Стоматологијата е дозволено да се полагаат на албански јазик, а токму правосудниот испит, кој зборува за Правда, не им го дава заслуженото право на студентите Албанци да се изразуваат на својот мајчин јазик?! Вицепремиерот Беким Сали е во право… Морално и правно!“, напиша Таравари.
