Реакции за гласањето во АФЕТ – бугарско МНР: Националистички наративи за вековен македонски идентитет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По усвојувањето на Извештајот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент за Македонија, реагираше бугарското Министерство за надворешни работи. Оттаму велат дека ја поздравуваат одлуката на АФЕТ да не навлезат во, како што велат, националистички наративи за вековен македонски идентитет.

„Ја поздравуваме решеноста на АФЕТ да не биде вовлечен во шпекулативни националистички наративи поврзани со тврдења за „вековен македонски идентитет“ кои се спротивставуваат на европските вредности за инклузија и ги повредуваат чувствата и на Бугарија и на претставниците на другите заедници во Република Северна Македонија. Бугарија постојано изјавува дека нема забелешки на современи модерни перцепции за идентитетот на која било индивидуа или заедница – тоа е прашање на личен избор. За жал манипулативното толкување на овој став од страна на властите на Скопје често пати служи како изговор за неисполнување на преземените обврски.“, велат од Бугарското МНР.

Седницата на АФЕТ, поточно поднесените амандмани на Европските народни партии беа повод за критики на СДСМ упатени кон власта. Оттаму велат дека ВМРО-ДПМНЕ доби историски шамар од сестринските партии.

„Овој амандман претставува сериозен удар врз позициите на Република Северна Македонија, но и суштинско понижување за ВМРО-ДПМНЕ, која се претставува како „бранител“ на македонскиот јазик. Наместо поддршка, од своите европски пријатели тие добија дипломатска шлаканица што го доведува во прашање влијанието на ВМРО-ДПМНЕ во својата матична групација. Дополнително загрижува што ЕПП најави дека ќе го поднесе истиот амандман и на пленарната седница – што значи дека ова не е изолиран инцидент, туку координиран став во кој ВМРО-ДПМНЕ или учествува или молчи.“, вели Богданка Кузеска од СДСМ.

Добро е што ја поминавме оваа прва фаза на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, рече премиерот Мицкоски. За тоа дека неговите сојузници од ЕПП ги поднеле амандманите тој рече дека Андреј Ковачев е дел од нив, но дека поголемиот дел од нив гласале за извештајот.

„15 беа за извештајот на Вајц, европратеници од ЕНП, вклучително и претседавачот на Комитетот господинот Мекалистер, тројца беа против и двајца беа воздржани, тоа беа грчките пратеници. Така што ова беше гласањето во рамките на ЕНП. Добро е што ја поминавме оваа прва препрека и добро е што сите видоа дека не е суштината за неколку стотини Бугари, многу подлабока е суштината.“, изјави Мицкоски.

Мицкоски воедно рече и дека се очекува и на пленарната седница на Европскиот парламент кога ќе се гласа за Извештајот да има амандмани, но дека не е сигурен како таму ќе заврши гласањето.