Реакции за наплата на влез во Куклица, Општина Кратово вели просторот е бесправно узурпиран

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Објава на жителот на Кратово, Марио Станојковски, предизвика бројни реакции на социјалните мрежи откако тој побара надлежните институции да ги проверат наводите за наплата на влез и ограничување на пристапот до локалитетот Куклица, познат и како „Камените кукли“.

Станојковски тврди дека повторно бил спречен да влезе на локалитетот, а според неговите наводи, туристи од Косово му кажале дека платиле по 10 евра за влез, додека при претходна посета им биле побарани по 20 евра од лице.

По реакциите во јавноста, од Општина Кратово соопштија дека подолг период се соочуваат со проблем околу управувањето со локалитетот. Оттаму тврдат дека просторот е бесправно узурпиран од Здружението „Извор“ и од одговорни лица поврзани со него, кои, според Општината, неовластено наплаќаат влезници и вршат управување со локалитетот.

Од Општината информираат дека веќе е донесена првостепена судска пресуда со која се наложува предавање на објектите и просторот во владение на Општинската установа „Музеј на град Кратово“. Сепак, пресудата е обжалена и моментално се наоѓа во второстепена постапка.

Локалната самоуправа наведува дека покрај граѓанската постапка, поднесени се и кривични пријави за узурпација на недвижности, а до повеќе институции се доставени претставки поврзани со наводна незаконска наплата на посетители.

Од Општина Кратово порачаа дека остануваат посветени на заштитата на јавниот интерес и законитото управување со природното наследство, очекувајќи поголема вклученост од надлежните институции во решавањето на случајот.