Формално обраќање без суштински предлози, во кое недостасуваше лидерство на Силјановска за да даде конкретни насоки за иднината на земјава. Ова се главно забелешките на опозицијата на обраќањето на претседателката Силјановска Давкова.
„Формално обраќање пред Собранието, обраќање кое што не понуди визија за иднината на државата, обраќање во кое што едноставно имаше констатации во кои што даде извештаи за тоа што направила“, вели Оливер Спасовски.
„За жал според наше мислење таа не даде ниедна насока, односно не даде ниедна шанса во насока на реализирање на уставните измени во нашата држава кои се предуслов за започнување на преговорите со Европската унија“, вели Елми Азири.
Но за владејачките партии Силјановска имаше сеопфатно обраќање во кое покажа дека ги застапува политиките на власта во однос на надворешната политика.
„Нејзината определба за евринтеграциите која што не е безусловна туку гледаме дека содржеше во себе и аргументирана критика на принципот на билатерализација на евроинтеграциите“, вели Антонио Милошоски.
„Имаше исклучително според нас инспиративен говор, таа се држеше до своите уставни и законски надлежности од една страна но и до очекувањата на јавноста таа да биде елемент на обединување на општеството. Во таа смисла високо ги цениме нејзините ставови“, вели Бобан Карапејовски.
Ова беше прво обраќање пред пратениците на Силјановска по нејзиниот избор за претседател на државата во мај годинава.
