Со ребалансот на Буџетот приходите се намалени за 11.5%, односно ќе има 25.5 милијарди денари помалку од планираното. Од друга страна пак, трошоците бележат пораст за 50 милиони евра. Дупката во буџетот се прогнозира да се зголеми за 470 милиони евра, со што ќе биде 750 милиони евра, или 6.8% од БДП. Заменик-министерката за финансии од редовите на ДУИ, вели дека главната цел на овој ребаланс е закрепнување на домашната економија и зачувување на работните места.
„Главната цел или мотото на ребалансот на Буџетот е закрепнување на домашната економија и помош на малите, средните и големите претпријатија и компании кои се ориентирани кон извоз, а пред сѐ кон приватната потрошувачка и помош на граѓаните од социјална категорија, на оние кои останаа без работа поради кризата, за навремена исплата на пензиите и да не се намали администрацијата итн…“, вели Ширет Елези.
И Фатмир Битиќи, вели дека ребалансот на Буџетот се прави за истата цел – опоравување на македонската економија.
„Ребалансот на буџетот за 2020 година има една јасна цел – забрзување на процесот на опоравување на македонската економија преку финансирање на мерките за надминување на последиците од корона кризата. Многу поважно, овој ребаланс ќе овозможи брза трансформација но и зголемување на конкурентноста на македонската економија“, истакна Фатмир Битиќи.
Од Алијанса за Албанците, со став дека со овој ребаланс Владата се демантирала себеси.
„Со овој ребаланс, Владата се демантира себеси во сите досегашни презентирани сценарија. Намалувањето на приходите од буџетот во најоптимистичкото сценарио на Министерството за финансии предвидува намалување за 20%, додека истите се планирани со намалување од само 11,5%! Иако беше најавено зголемување и динамизирање на капиталните инвестиции неопходни за економското закрепнување, тие сепак беа жртвувани, со пад за 4,2 милијарди денари, додека последователните расходи се зголемени за 9,6 милијарди денари“, додаде Елми Азири.
Со критики излезе опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од таму велат дека овој ребаланс ќе ѝ послужи на Владата за предизборна корупција и поткуп.
