Речиси секој четврти патнички автомобил увезен во Македонија во првите седум месеци од годинава бил нов. Сепак, автомобилите кои веќе сообраќаат по македонските патишта во просек се стари 19,4 години, што покажува дека обновувањето на возниот парк во земјава се одвива постепено, пишува „Фактор“.
Од јануари до јули 2026 година во Македонија се увезени вкупно 36.614 нови и половни патнички автомобили, покажуваат податоците на Царинската управа. Од нив, 8.832 биле нови, што претставува околу 24 проценти од вкупниот увоз, односно приближно секој четврти автомобил.
Увозот на нови автомобили годинава е повисок и во споредба со минатата година. Во првите седум месеци од 2025 година биле увезени 7.594 нови автомобили, што значи дека годинава бројот е зголемен за 1.238 возила, односно за 16,3 проценти.
Разликата е особено изразена во јули. Во текот на овој месец биле увезени 1.635 нови патнички автомобили, додека во јули минатата година бројката изнесувала 1.264. Тоа претставува годишен раст од 29,4 проценти.
Половните автомобили и натаму го сочинуваат најголемиот дел од увозот. Во првите седум месеци од годинава се увезени 27.782 половни автомобили, во споредба со 26.286 во истиот период лани, што претставува зголемување од 5,7 проценти. Така, увозот на нови автомобили годинава расте речиси трипати побрзо од увозот на половни возила.
И покрај зголемувањето на бројот на нови автомобили кои влегуваат во земјава, просечната старост на возилата кои веќе се користат останува висока. Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година во Македонија биле регистрирани 580.210 патнички автомобили, а нивната просечна старост изнесувала 19,4 години.
Во пораст е и бројот на регистрирани автомобили. Во 2023 година биле регистрирани 552.934 патнички возила, што значи дека за една година бројот се зголемил за 27.276, односно за околу 4,9 проценти. Во Македонија има околу 318 патнички автомобили на 1.000 жители.
Целосно електричните автомобили сè уште сочинуваат мал дел од возниот парк во земјава. Во 2024 година имало околу 1.500 електрични патнички автомобили, што претставува само околу 0,26 проценти од вкупниот број регистрирани возила.
Обновувањето на возниот парк постепено напредува, бидејќи новите автомобили заземаат сè поголем удел во увозот. Сепак, возилата што сообраќаат по македонските патишта и натаму во просек се стари речиси две децении.
