Реформи во здравство – Таравари бара консензус, СДСМ ќе размисли за поддршка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во втората половина од 2025 година ќе треба да започне долго најавуваната реформа на здравството со која се спроведе децентрализација и регионализација на здравствените услуги. Ова значи дека нема да мора за секој посериозен хируршки зафат да се патува во Скопје, но и да нема 123 јавни здравствени установи, туку нивниот број да се намали, а да се задржи достапноста на здравствени услуги за сите граѓани во државава. Ова го најави министерот за здравство Арбен Таравари, кој за реформите очекува широк политички консензус.

„Ако очекувате за шест месеци или една година, стратегијата јас се надевам дека ќе биде во втората половина на 2025 година и таа стратегија пред да излезе во јавност прво ќе се повикаат сите професионалци, колку што можеме, ќе се повикаат и другите политички партии и не само владините, за да добиеме и од нив некаква согласност за да не ги менуваме секоја година. Таа стратегија ќе биде дваесет – триесет (2030) за здравството во Македонија.“, порача Арбен Таравари.

Од СДСМ велат дека тие ги почнале и спровеле реформите како покачување на платите, подобрување на услугите и условите на граѓаните, инфраструктурните проекти за кои барале поддршка од тогашната опозиција и затоа треба власта да продолжи со реформите на социјалдемократите.

„…Во оваа насока Социјалдемократскиот сојуз поддржува продолжување на реформите, но инсистира да бидат издржани и суштински спроведени. Доколку се искрени намерите, СДСМ ќе учествува и очекува предлог и покана од власта по што ќе дадеме и свои забелешки за кои ќе инсистираме тие да бидат имплементирани“, вели Рената Младеновска.

Инаку, темата здравство во владината програма се споменува шест пати освен дигитализацијата, централно место е регионализацијата.

„Ќе се внимава на регионализацијата, со што здравствените услуги ќе бидат достапни на целата територија на државата и во секое време да се на располагање на сите здравствени осигуреници. Владата ќе изработи и спроведе програма за интегрирање и функционално реорганизирање на здравствените единици во секундарното здравство, преку рамномернa регионална позиционираност на сите медицински установи во Македонија“, се вели во владината програма.

А во програмата на СДСМ за изборите во 2024 ова прашање се споменува 36 пати. Од опозициската партија велат дека состојбата во здравството за шест месеци алармантно се влошува, со починати 20 бебиња, влошување на услугите за граѓаните, а се најавува и поскапување на лековите. Затоа, од СДСМ ќе чекаат да видат што ќе понуди власта за надминување на состојбата.