Регистрирани првите случаи на новиот вид на коронавирус во Ирска и Јапонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Регистрирани први случаи на зараза со новиот вид на коронавирус во Јапонија и во Ирска.

Јапонското Министерство за здравство потврди дека се заразени пет лица кои пристигнале во земјата од Велика Британија во периодот меѓу 18 и 21 декември, пред Јапонија да ја зајакне контролата на границите за патници од Британија, каде неодамна првично се појави новиот вид на коронавирус.

Еден од заразените се чувствува истоштено, а останатите немаат симптоми и сите се наоѓаат во изолација.

По позитивниот тест на коронавирус, со натамошна анализа е потврдено дека станува збор за мутиран вирус кој полесно се пренесува, се наведува во соопштението на Министерството.

Ирска денеска, исто така, потврди дека во земјата е присутен новиот, позаразен вид на коронавирус.

– Можам да потврдам дека во Националната лабораторија со секвенцирање на цел геном го откривме новиот вид на вирусот SARS-CoV-2, истакна високиот здравствен претставник Тони Холохан.

Тој додаде дека со натамошни анализи во следните денови ќе биде утврдено колку е раширена мутацијата во Ирска.