Реконструкција на Владата – Адеми: ВМРО-ДПМНЕ ги диктира имињата на министрите Албанци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најавената реконструкција на Владата предизвика реакции од опозицијата. Генералниот секретар на ДУИ, Арбер Адеми, изјави дека ВЛЕН нема политичка моќ во извршната власт и тврди дека имињата на министрите Албанци ги диктира ВМРО-ДПМНЕ, при што го спомена и името на Јетон Шасивари.

„Со или без реконструкција, ВЛЕН нема сила во Владата. Тие немаат моќ, немаат потенција – тоа и самите го кажуваат и го промовираат. Немаат поддршка од народот, туку се таму за да ги реализираат интересите на некој друг. Слушам дека ВМРО-ДПМНЕ ги предлага и имињата на министрите Албанци кои доаѓаат од ВЛЕН. Не ги предлага ВЛЕН. Еден од нив е Јетон Шасивари, по инсистирање на Каракамишева и на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Арбр Адеми, потпретседател на ДУИ.

Во меѓувреме, СДСМ ја оцени реконструкцијата како „замена на Курто со Мурто“, оценувајќи дека промената на неколку министри нема да донесе никакво подобрување за граѓаните.

„Во тендер-коалицијата ништо суштински не се менува. Театарот е ист, глумците се исти. Старите политики остануваат, старите практики продолжуваат, а новите имиња се само нова амбалажа за истото неуспешно владеење, на истото старо, корумпирано владеење, кое продолжува да произведува нови скандали, нови криминални тендери и нови разочарувања за граѓаните“, велат од СДСМ.

Реакциите на опозицијата доаѓаат во пресрет на официјализирањето на реконструкцијата на Владата, која се очекува да биде финализирана во текот на вечерта.