Во калифорнискиот град Сода Спрингс во текот на ноќта падна рекордно количество снег кој достигна висина од 51 сантиметар, додека во Венадо наврна 44 сантиметри дожд, соопшти денеска американската Национална метеоролошка служба.
Синоптичарите предупредија дека ризикот од поројни поплави и паѓање на камења ќе продолжи, а откажани се и бројни летови на аеродромот во Сан Франциско, пренесува АП.
Во текот на денот во сојузните држави Вашингтон, Орегон и Калифорнија беа активирани предупредувања за бура и силен ветер, додека снег падна и на планините во Калифорнија.
Во државата Вашингтон, повеќе од 185.000 луѓе, главно во областа Сиетл, останаа без струја, а екипите работеа во текот на денот на расчистување на улиците од далноводи, паднати гранки и остатоци.
На источниот брег, во Пенсилванија паднаа 43 сантиметри снег, а повеќе од 100.000 клиенти во десет окрузи останаа без струја, додека во државата Њујорк беа издадени предупредувања за поплави.
Властите вчера соопштија дека најмалку две лица загинале во државата Вашингтон како последица на циклонот што го погоди западниот брег на САД.
Овој тип на бура, познат како „циклон на бомби“, се јавува кога циклонот брзо се засилува.