Повеќе од еден милион хектари земјиште изгореа во шумски пожари во Европската Унија оваа година, најмногу откако започнаа официјалните мерења во 2006 година, според податоците од Информативниот систем за шумски пожари на ЕУ (EFFIS).
Досега се изгорени вкупно 1.028.000 хектари земјиште, површина поголема од Кипар, и најмногу откако започна мониторингот на шумските пожари низ Унијата.
Претходниот рекорд беше поставен во 2017 година, кога 998.000 хектари земја беа уништени во шумски пожари.
Најпогодени земји се Шпанија и Португалија, кои сочинуваат две третини од изгореното земјиште во ЕУ. Податоците на EFFIS покажуваат голем пораст на бројот и интензитетот на шумските пожари од 5 до 19 август, што се совпаѓа со 16-дневниот топлотен бран на Иберискиот Полуостров.
Осум лица ги загубија животите во пожари во овие земји во споменатиот период.
Шумските пожари во ЕУ ослободија 38 милиони тони CO2 во атмосферата оваа година.
