Ременски и Боки 13 побараа изземање на Рускоска, таа вели: „Никогаш не сум била пристрасна, ќе одлучи јавното обвинителство“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се одложи стартот на судењето за случајот со невладината Меѓународен сојуз на Боки 13, откако беше соопштено барањето на Фросина Ременски за изземање на обвинителката Вилма Рускоска, поради селективност во постапувањето.

„Како посериозни причини ги наведувам и моментите кои што се однесуваат на директно попречување на постапување на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи токму од јавната обвинителка Вилма Рускоска која што оневозможува, односно попречува правда, за незаконски извршен претрес, истражно дејствие во мојот дом токму по наредба на самата јавна обвинителка.“, рече Ременски.

На ова барање се приклучи и Бојан Јовановски, со обвинувања за пристрасност, тенденциозност, особено, како што рече бидејќи постапувала во случајот Рекет. Со нејзина согласност судот донесе срамна одлука Зоран Милевски Кичеец да биде пуштен на слобода, бидејќи идат избори и треба да се местат избори, рече тој. По ова судијката Софче Гаврилова Евремова го прекина неговиот говор. Адвокатот Сашко Дуковски, рече дека овој предмет требаше да биде споен со Рекет.

„Требаше да се води една единствена постапка, но во конкретниов случај така не се постапи а целта е јасна да се обиде да се добијат две посебни пресуди за две посебни кривични дела односно спротивно на тоа начело обвинетиот да помине потешко. Втората причина е што судијката која што е претседател на Советот, сама имаше побарано изземање.“, изјави Дуковски.

Обвинителката Вилма Рускоска вели дека барањето за нејзино изземање е неосновано и ги отфрла обвинувањата за пристрасност и истакна дека за тоа остава да одлучи јавниот обвинител Љубомир Јовески.

„За цела моја кариера никогаш пристрасно не сум се однесувала спрема ниту еден предмет, а сум ги сработила можеби повеќе од илјада. Единствена работа што ми е важна и на која секогаш сум се придржувала е тоа, дали е сторено кривично дело и дали јас имам доволно докази за да поднесам обвинение.“, вели Рускоска.

Судењето е презакажано за 21 јули, а доколку се отфрли барањето за изземање на обвинителката Рускоска, таа треба да ги даде воведните зборови. Покрај Боки 13 кој се товари за измама и перење пари, обвинети се и Ременски за помагање во измама, претседателката на невладината Меѓународен сојуз Јасна Мандиќ Ерцеговиќ која се наоѓа во куќен притвор, како и Христина Блажевска и двете обвинети за помагање во перење пари и измама. Обвинет е и таткото на Боки, Миле Јовановски за помагање во перење пари и поседување оружје.