Одделот за трауматологија при Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје е пуштен во употреба по целосно реновирање, со цел да се подобрат условите за лекување на пациентите и за работа на медицинскиот персонал.
Одделот располага со 26 болнички кревети, а во текот на една година се изведуваат околу 1.100 хируршки интервенции, кои ги извршуваат девет хирурзи-трауматолози. Станува збор за еден од главните центри за третман на трауматски повреди во земјата.
Во рамки на реконструкцијата поставени се нови болнички кревети, целосно е обновена електричната и водоводната мрежа, реконструирани се санитарните јазли, а инсталирани се и нови врати, проектирани според стандардите за спречување на ширење инфекции.
Здравствените власти оценуваат дека ваквите инвестиции ќе придонесат за зголемување на квалитетот на здравствените услуги и за создавање подобри услови и за пациентите и за медицинскиот персонал.
„Инвестицијата изнесува околу 200 илјади евра само градежните активности, со дополнителна инвестиција од 30 илјади евра којашто е за комплетно новиот намештај на одделот, значи нови кревети со сталаци за инфузии, коишто се обезбедени по пат на спонзорства од општествено одговорни компании, значи од нашата држава. А инаку, оние 200 илјади евра се од буџетот на самата болница, односно од нашиот буџет.“, вели Небојша Настов.
