Ревидирана фискална стратегија 2026-2030 – БДП за годинава 3,5 % наместо 3,7%- инфлацијата 3,9% наместо 2,8%

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Помал раст на БДП,  повисока инфлација за годинава, јавен долг над 60% од БДП до 2028 година. Ревидираната фискална стратегија за периодот 2026-2030 година, која ја усвои Владата стигна до пратениците. Растот на БДП за годинава наместо 3,7% како што беше првичниот план, се спушта на 3,5%, а намалување има на растот на економијата и за наредните години до 2030-та.

Инфлацијата за годинава наместо 2,8 % како што беше планирана, се корегира нагоре на 3,9%, додека во 2026 наместо 2% ќе биде 2,5%, а наредните години се очекува да падне на 2%.

 „Во 2025 се очекува понатамошен раст на економијата, со нешто поумерено ниво во однос на претходната проекција, како резултат на остварувањата во тековната година, нагорната ревизија на остварувањата за 2024 година, но и ризиците кои произлегуваат од надворешното опкружување, пред се кај главните трговски партнери. Притоа во наредниот период се очекува пролонгирање на динамиката на остварување повисоки стапки на економски раст. Отстапувања за 2025 година има и кај стапката на инфлација, која што е нагорно ревидирана, согласно остварувањата во првите 10 месеци од годината“, се вели во Ревидираната фискална стратегија 2026-2030.

Така наместо планираниот раст на БДП од 4% во 2026 тој се намалува на 3,8%. И ако со првичната фискална стратегија се планираше земјава да достигне раст на БДП во 2029 и 2030 година од 4,8 и 4,7%, сега тој е намален и се очекува 2030 година да ја завршиме со раст на БДП од  4,3%. Буџетскиот дефицит пак за годинава е 4% од БДП, во 2026 е 3,5%., што е над фискалните правила тој да е под 3  % од БДП.

Но ова се основните проекции. Министерството за финансии има направено симулација за ризиците во 4 сценарија. Најлошо е четвртото, но ќе се задржиме само на првото ризично сценарио. Тоа е ако имаме намалена економска активност во периодот до 2030 година како резултат на глобалните закани, но и на домашните, доколку се одлага и понатаму реализацијата на големите инфраструктурни проекти.

 „Согласно ваквото сценарио, проекцијата за просечниот реален раст на БДП меѓу 2026 и 2030 година е за 1,0 процентни поени пониска отколку во основното сценарио. Ова сценарио би резултирало со поголем буџетски дефицит за 0,5 процентни поени од БДП во просек на годишно ниво помеѓу 2026 и 2030 година, додека државниот долг би бил повисок за 4,2 процентни поени од БДП на крајот на 2030 година“.

Инаку министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во петокот, коментирајќи го растот на БДП за третиот квартал од 3,8% кој го објави статистика, потенцираше дека Македонија е на трето место по раст на БДП во Европа, по Ирска и Данска.