Државниот завод за ревизија со пофални зборови за распределбата на 250-те милиони евра од унгарскиот кредит за компаниите. Ревизијата покажала дека најголем дел, или над 100 милиони евра се насочени во дејноста производство. Според намената на инвестициите, најмногу се вложувало во градежни објекти и опрема.
„Распределбата по дејности покажува силен развоен карактер, каде примарниот фокус е ставен на домашното производство со 281 одобрен проект во износ од 6.292.415 илјади денари, односно дури 44% од вкупната кредитна маса. Секторот трговија апсорбирал 3.499.227 илјади денари преку 194 проекти односно (25%) од средствата, транспортот учествува со 129 проекти во вредност од 1.451.457 илјади денари односно (10%) од средствата, градежништвото со 63 проекти во вредност од 988.498 илјади денари односно (7%) од средствата, угостителството и хотелиерството со 37 проекти во износ од 852.327 илјади денари односно (6%) од средствата“, порачаа од ДЗР.
Иако најмногу проекти добиле малите компании, сепак најмногу пари од колачот припаднал на големите.
„Во структурата на одобрените 767 проекти со вкупен износ од 14.256.936 илјади денари, малите претпријатија ја предводат листата по масовност со одобрени 455 проекти (59% учество) во вредност од 3.565.574 илјади денари (25% финансиски удел).Анализирано од вредносен аспект, најголем дел од одобрените средства е концентриран кај големите субјекти, каде за реализација на 94 проекти (12% од вкупниот број проекти) се одобрени кредити во износ од 4.720.384 илјади денари,што претставува 33% процентуално учество во вкупната вредност“, вели ДЗР.
Ревизијата опфатила проверка на 123 развојни проекти со вредност од околу 119,3 милиони евра, што според нив се 52 проценти од вкупно повлечените средства до февруари 2026 година. Во извештајот стои дека врз основа на обезбедените докази, добиено е разумно уверување за изразување на позитивен заклучок дека активностите на Развојната банка се во согласност во сите материјални аспекти со применетата релевантна законска и подзаконска регулатива, интерни акти и договори.
