Ревизорите го „прочешлаа“ Државниот пазарен инспекторат: Возило во отпад, инспектори без обезбедена плата – какви неправилности утврди ДЗР во ДПИ?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градежни објекти, софтвери и лиценци кои биле непопишани, залихи кои не биле евидентирани, службени возила со нејасен статус, како и 19 административци распоредени на инспекторски места без претходно да се обезбедат средства во буџетот – се дел од наодите во конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за Државниот пазарен инспекторат.

Ревизорите дадоа неповолно мислење за финансиските извештаи за 2024 година, а утврдија и недостиг на инспектори, нецелосна дигитализација, проблеми со чувањето на одземена стока и девет тужби од вработени, додека за усогласеноста на активностите и финансиските трансакции со законите е дадено мислење со резерва.

Ревизијата утврдила дека не бил извршен целосен попис на градежните објекти, софтверите и лиценците, материјалите и ситниот инвентар на залиха. Сметководствената евиденција не била усогласена со фактичката состојба. За утврдените вишоци и кусоци на опрема не биле дадени конкретни предлози за расход или соодветно евидентирање, а препорачаниот вонреден попис не бил спроведен до периодот на ревизијата.

Сите материјални средства немале инвентарни броеви, а не била направена ниту проверка на реверсите за компјутери, печатачи, друга ИТ-опрема и возила. Особено внимание привлекол случајот со четири неисправни возила. Три биле во депото на „Пајак“, додека за едно било наведено дека е целосно запуштено, искршено и уништено и дека се наоѓа во отпад.

Над 2,1 милион денари залихи без соодветна евиденција

ДПИ немал воспоставено соодветна финансиска и материјална евиденција за залихите. Како расходи биле евидентирани 1,107 милиони денари за канцелариски материјали, 791 илјада денари за обрасци поврзани со инспекцискиот надзор и 249 илјади денари за автомобилски гуми. Вкупно, станува збор за околу 2,15 милиони денари, за кои ревизорите не утврдиле соодветни податоци за состојбата и движењето на залихите.

Во текот на 2024 година биле донесени 19 решенија за распоредување административни службеници на инспекторски места, без претходно да бидат обезбедени средства во буџетот. Распоредувањата не биле предвидени ниту во Годишниот план за вработување. Од 19 лица, 17 биле распоредени како кандидати за инспектори без лиценца, а две лица како лиценцирани инспектори со право на додаток на плата.

На 30 декември 2024 година, 17 лица биле вратени на претходните работни места, додека двајцата лиценцирани инспектори останале на инспекторските позиции.

ДПИ во 2024 година прикажал 5,671 милиони денари трошоци за електрична енергија, вода, комуналии и други услуги. Но, ревизијата утврдила дека нема прецизни податоци за статусот на броилата, ниту за површините што ДПИ ги користи во објекти заедно со други институции. Нема ниту интерен акт кој го уредува навременото доставување на фактурите за комуналии, поштарина и гориво, што може да доведе до доцнење со евидентирањето и плаќањето и дополнителни камати.

Ревизорите утврдиле дека нема интерен акт за приемот, издавањето, користењето, раздолжувањето и чувањето на инспекциските записници. Реверсите не биле сериски нумерирани, а од пет анализирани одделенија само во едно биле зачувани искористените обрасци со копии од записниците. Проблеми има и со уписниците. Дел од колоните останувале празни и поради тоа, ревизорите не можеле со сигурност да потврдат дека сите завршени предмети се целосно комплетирани и архивирани. ДПИ немал интерен акт за писмено изземање на инспектор во случаи на судир на интереси или личен интерес.
Наместо писмена процедура, инспекторите усно известувале дека постои причина за изземање. Според ревизијата, ова може да ја отежне евентуалната дисциплинска постапка.

Само 148 инспектори од 313 систематизирани места

Во 2024 година ДПИ имал 148 инспектори, односно биле пополнети само 47 проценти од 313 систематизирани инспекторски места. Одделението за безбедност на производи било особено кадровски ослабено – од 14 предвидени места биле пополнети само пет. Во истата година ДПИ реализирал 28.263 инспекциски надзори. „Е-инспектор“ започнал да се користи како пилот-систем, но во 2024 година не бил целосно ставен во употреба. Ревизорите укажуваат дека без единствена електронска база тешко се вршат автоматска проценка на ризик, подготовка на планови, следење на работата на инспекторите и унифицирано водење на инспекциските евиденции.

ДПИ нема посебен објект за привремено чување на одземените предмети до нивното предавање на Агенцијата за управување со одземен имот. Во одредени случаи предметите биле чувани во канцеларии, па дури и во службени возила, што според ревизорите создава ризик од несоодветно чување, оштетување, загуби и други финансиски последици. ДПИ нема ниту сопствен паркинг во Скопје. Од 60 регистрирани и активни возила, 21 се паркираат на необезбедени јавни површини.

Одделението за безбедност на производи во 2024 година извршило 1.179 инспекциски надзори, а биле повлечени седум производи од пазарот. За дел од лабораториските испитувања биле користени странски акредитирани лаборатории, со финансиска поддршка од меѓународни проекти. Ревизијата предупредува дека останува неизвесно дали ваквиот обем на лабораториски контроли ќе може да продолжи по завршувањето на проектната поддршка, со оглед на ограничените буџетски средства на ДПИ.

Извор: Слободен печат