Ристески: Не би сакале да направиме тотален хаос меѓутоа ако некој бара, луѓето се спремни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) Марјан Ристески денеска на протестот на вработените во ЈП Улици и патишта предупреди за можна радикализација на протестите доколку не се решат проблемите со платите и условите за работа.

Како што вели, не би сакале да направат целосен хаос во Скопје, но доколку тоа некој го бара – тие се спремни.

„Минатиот месец не излеговме на протест, но гледате секој месец иста приказна. Секогаш кога работникот дава шанса на другата страна, во спортски жаргон кажано, добиваме автогол. Ова е веќе неиздржливо, ситуацијата во претпријатието е крајно критична, луѓето гледате позади, овие луѓе работат секој ден , ги гледате секој ден по улиците и на летно време +40 и на зимно, се најавуваат снегови меѓутоа од другата страна за жал немаме поврат“, вели Ристески.

Како што вели, веќе имаат одлука донесено да се радикализира крајно протестот, односно се најавуваат протести со механизација.

„Овие вработени ги контролираат и семафорите знаете, не би сакале да направиме тотален хаос меѓутоа ако некој бара луѓето се спремни. Замислете протестираат за плата, камоли да се побара некои други средства за заштита или покачување на плата. Имаме апсурдна ситуација ни возила регистрирани, ни има средства за работа работат каде се парите“, вели Ристески.