Законот за урбанистичко планирање има многу недостатоци кои можат да доведат до зголемена корупцијата во градежништво. Една од нив е недефинирањето на надлежностите на државните органи, бидејќи кога ќе се случи некоја неправилност, не е прецизирано до кој орган треба да се обратиме за одговорност, покажуваат наодите од анализата на „Транспаренси Интернешнл“. Во анализата понатаму пишува дека треба да бидат преземени бројни чекори да се воведе контрола за корупцијата во областа на градежништво.
И претседателката на Комисијата за спречување на корупција, Билјана Ивановска, смета дека со анализата се идентификувани бројни нејаснотии во законот.
Според министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, законот е транспарентен, квалитетен и добар. Смета дека во последните три години се направени голем број реформи во областа на урбанистичко планирање и градежништво.
Според анализата на „Транспаренси Интернешнл“ граѓанскиот сектор не е доволно вклучен во оваа сфера. Истражувањето е спроведено во период од февруари до декември годинава.
