Срамота е ова што трговците им го прават на граѓаните пред празниците, изјави премерот Христијан Мицкоски жестоко критикувајќи го начинот на кој беа зголемени цените на голем дел од основните прехранбени производи и покрај најавените мерки за намалување на цените на новогодишната кошничка. Мицкоски најави дека ќе бара од Државниот пазарен инспекторат да се направи анализа како се покачени цените и да извршат контроли на маркетите.
„Ќе побарам од Пазарниот инспекторат една робусна жестока акција зашто добивам информации дека некои од маркетите шпекулираат и се служат со трикови. Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи сега да го надоместуваат со зголемување драматично на некои други производи кои што ги користат граѓаните како што е маслото, лебот, млекото, млечни производи, шеќер, сол и така натаму, јајца и слично. Срамота е ова што го прават пред празниците кои што доаѓаат“, рече Мицкоски.
Наспроти ваквата изјава на Мицкоски, министерот за економија Бесар Дурмиши пред два дена изјави дека според него мерката се почитува и е применлива, дека Државниот пазарен инспекторат не нашол неправилности, а дека граѓаните биле задоволни. Но последните податоци од синдикатите покажуваат дека синдикалната минимална кошничка за декември е зголемена за 840 денари во споредба со минатиот месец.
„Вредноста на синдикалната минимална кошница за месец декември 2024 година изнесува 62.861,00 денари, споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец ноември која изнесува 62.021,00 денар е зголемена за 840 денари. Загрижува тоа што трговците повторно го искористија периодот пред стапување на сила на последната акција и евидентно ги зголемија цените“, велат од ССМ.
Какви робусни акции какви глупости, Мицкоски самиот ги остави маркетите да ги зголемат цените, критикуваат од СДСМ.
„Граѓаните немаат никаква корист од мерките на власта. Кошничките се измама и манипулација. Власта им дозволи на трговците да се богатат на грбот на народот. Со ДПМНЕ на власт, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите, осиромашуваат и секој месец се борат да го преживеат. Мицкоски и ДПМНЕ потфрлија во најважниот сегмент – економијата и животниот стандард на граѓаните“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.
Новогодишната кошничка која ја промовираше Владата беше воведена на 15 овој месец а ќе трае до 15 јануари. Но тогаш и самиот Мицкоски се огради и рече дека тоа го прават во договор со трговците и дека тие самите одлучиле намалувањето да изнесува 10 проценти.