Рочиште за „Меѓународен сојуз“ – Боки-13 бара изземање на судијката Гаврилова

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По речиси два месеца пауза, Боки-13 денеска се појави во Кривичен суд како првообвинет во случајот „Меѓународен сојуз“ за измама и перење пари.

За разлика од претходните судења, овојпат Бојан Јовановски беше спроведен од дома, бидејќи е во домашен притвор.. Судењето течеше тензично и со изнесување аргументи меѓу судијката и Боки-13, кој пак побара изземање на судијката бидејќи, како што вели, била пристрасна и во судењето, и во носење пресуда.

„Изземање на судија е дозволено и јас го барам тоа. Оваа судијка не може да биде пристрасна во носењето пресуда. Во судска постапка сме, каде и самата Вие нѐ известивте дека на почеток сте го побарале Вашето изземање од овој предмет, бидејќи веќе сте формирале мислење за претходниот случај „Рекет““, истакна Бојан Јовановски.

Според Јовановски, судијката Софче Ефремова-Гаврила е под влијание на политиката. Упати и обвинувања на нејзина адреса, но судијката го опомена и му го одзема зборот.

„Штом се спомене дека ова е политички предмет, а Вие сте политички инструирани, Вие ме прекинувате“, посочува Бојан Јовановски.

Гаврилова му рече на Боки, барањето за нејзино изземање во писмена форма да го достави до претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев. Додека обвинителката Ивана Трајчевска ги изнесуваше материјалните докази, неколкупати се вмешаа и Боки-13, и неговиот татко, Миле Јовановски со образложение дека не ги разбираат доказите.

„Не знам колкупати треба да ви кажам дека не го разбирам ова што го презентирате. Не ги разбирам доказите. Како да се бранам кога не разбирам ништо?“, додава Бојан Јовановски.

Бојан Јовановски истакна дека иако имал политички притисок, сепак не подлегнал на заканите. Судијката Софче Гаврилова беше дел од Судечкиот совет кој го осуди Боки-13 на девет години затвор за случајот „Рекет“, каде беше прогласен за виновен за изнудување на над милион евра од бизнисменот Орце Камчев. Во случајот „Меѓународен сојуз“ освен Боки, обвинет е и неговиот татко, Миле Јовановски, поранешната потпретседателка на СДСМ и пратеничка, Фросина Ременски и неговите соработнички Јасна Мандиќ и Христина Блажеска за кривичните дела „измама“ и „перење пари“.