Со сведочењето на Андреј Крстевски – советник за спроведување проекти во Државна лотарија, во Кривичниот суд продолжи судењето за случајот „Лотарија“.
Крстевски, кој бил член на Управниот и на Надзорниот одбор на Лотарија, а извесен период и заменик-директор, сведочеше за процесите на донесување одлуки во компанијата, како и за постапката за набавка на ВЛТ-апаратите.
„Односите меѓу Бајрами и Груби беа пријателски, припаѓаа на иста политичка партија, учествуваа на партиски собири и Бајрами му се обраќаше на Груби со ‘шефе’.“
Одговарајќи на прашањата на Обвинителството, сведокот изјави дека во периодот кога бил член на Управниот и на Надзорниот одбор, Катица Николова-Пернакова ја извршувала функцијата генерален директор, додека Перпарим Бајрами бил нејзин заменик.
Според него, за време на мандатот на Николова-Пернакова, одлуките биле придружени со дополнителни образложенија, додека подоцна членовите на одборот имале можност да се консултираат со правниот оддел.
„Јас со Перпарим Бајрами никогаш официјално не сум разговарал за формирање ново друштво или проширување на дејноста на Лотарија. Се сеќавам дека материјалите ми беа доставени во последен момент, буквално ‘пет до дванаесет’, од нас се бараше веднаш да донесеме одлука. Пред мене беше презентирана физибилити-студија, имаше и проценка од Бирото за вештачење, знам дека имаше и мислење од Министерството за финансии, но не се сеќавам дали ми беше доставено мене, а имаше и одлука од Владата.“, рече Андреј Крстевски.
Сведокот изјави дека директорот Перпарим Бајрами го повикал во својата канцеларија, каде што му била презентирана идејата. Тој додаде дека за постапката што била спроведена дознал кратко време откако таа завршила, од лица кои биле дел од комисиите задолжени за спроведување на ваквите постапки.
„Јас пред да одлучам побарав состанок за да донесеме одлука и не напишав е-пошта. Катица побара од мене да одлучам бидејќи од Владата брзале. Ме известија од Владата, но не се сеќавам кој беше. Истиот беше асистент или советник кај еден од министрите и ме убеди дека документите се во ред и дека треба што побрзо да одлучиме, и поради таа причина гласав ЗА.“, порача Андреј Крстевски.
Адвокатот на Бајрами, Еленко Миланов, по рочиштето изјави дека набавката на ВЛТ-апаратите била поддржана со одлука на Надзорниот одбор и заклучок на Владата – органи кои, како што посочи, имаат повисока надлежност од Управниот одбор.
Според Миланов, сведокот потврдил дека терминалите биле вклучени и во финансискиот план и во планот за јавни набавки, како и дека тие и понатаму се сопственост на Државна лотарија, како единствен законски орган за организирање игри на среќа.
„Нема никаква пречка што би го спречила ставањето во функција на овие машини, или нивното пренесување или продажба на правни субјекти кои поседуваат лиценци за организирање на вакви игри на среќа. Следствено, не може да стане збор за каква било причинета штета. Дополнително, како што ќе слушнете од вештите сведоци, вредноста на овие машини – и покрај тоа што со години стоеле во магацинот на Лотарија – денес всушност е значително повисока, односно околу 40 до 50 проценти“, вели Еленко Миланов.
Во случајот „Државна лотарија“, покрај Груби и Бајрами, обвинети се и Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.
Според обвинението, пречекорувајќи ги своите службени овластувања, тие нанеле штета на акционерското друштво „Државна лотарија“ во вредност од 9,7 милиони евра. Досега, во текот на постапката, ниту еден од обвинетите не ја признал вината. Следното рочиште е закажано за 6 ноември.
