Родителите против носењето маски во училиште – „во кафуле без маска, во училница со нив“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Трајче кој е родител на две деца, заедно со уште 12 илјади други родители од Иницијативата „Стоп за носењето маски во училиштата“ бараат да се укине носењето маски за учениците. Трајче изразува чудење како децата со нивните родители во кафулиња и игротеки не носат маски, а на училиште се принудени да ги носат.

Трајче стравува и за менталното здравје на децата, бидејќи, како што вели, задолжителното носење маска може да предизвика анксиозност и разни фобии.

Дека учениците треба да следат настава без маски, смета и микробиологот Никола Пановски. Тој вели дека мерките треба да се ублажат.

Од Иницијативата „Стоп за носењето маски во училиштата“ велат дека од 1 февруари ќе ги праќаат децата на училиште без маски. Побарале средба и со доскорешниот министер за здравство, Венко Филипче, а испратиле барање и до Владата, но како што велат, не добиле повратен одговор. Инаку од ресорот здравство информираа дека во однос на оваа тема ќе расправаат во наредните денови на состанокот на Комисијата за заразни болести. Став побаравме и од Министерството за образование, но до ова информативно издание не добивме одговор.