На стотина метри оддалеченост, на платото од нивните претходни и сегашни канцеларии се изврши рокадата на позициите и меѓу вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи. И двајцата порачаа дека остануваат на нивното залагање за членство во Европската унија.
„На нашиот државен празник 8 септември во Брисел ќе биде за прв пат, меѓу земјите-членки отворена дебата околу една верзија на предлог преговарачката рамка што ќе ја претстави германското претседателство. Мислам дека очекувањата и планот на германското претседателство е првата Меѓувладина конференција да се случи во декември годинава“, истакна Никола Димитров.
Османи откако на вчерашниот прв ден како министер за надворешни работи имаше телефонски разговор со Филип Рикер, рече дека меѓу приоритетите ќе бидат што поскоро да оствари контакти и со официјална Атина и Софија за да се деблокираат процесите на меѓудржавните комисии. Рече дека не очекува поради нерешените прашања Бугарија да ги попречува европските преговори на нашата земја.
„Стабилна, перспективна, европска Македонија е предуслов за стабилен перспективен и европски регион а тоа е интерес на сите земји во регионот вклучувајќи ја и Бугарија. Така да не гледам интерес на ниту една земја во регионот, па и Бугарија да го спречи европскиот пат на Република Северна Македонија и тие тоа го покажаа уште на Советот во март кога покрај унилатералната забелешка сепак дадоа пас за одлуката за започнување преговори“, посочи Бујар Османи.
На крајот на заедничката прес конференција Димитров и Османи си разменија знаменца на Европската унија со што порачаа дека иако ги сменија функциите и двајцата остануваат со иста цел, а тоа се европските интеграции.
