Роковите ќе течат по вонредната состојба, да немаше вирус денеска ќе се одржеа изборите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Денеска требаше да се одржат предвремените парламентарни избори. Откажани се поради епидемијата со коронавирусот. Оваа одлука едногласно ја донесоа Претседателот и лидерите на парламентарните партии во земјава. Одржувањето на изборите сега зависи од тоа кога претседателот ќе ја укине вонредната состојба. Почетно, таа беше воведена за еден месец, а дали ќе се продолжи, се чека да помине 18 април. Ова им отежнува на партиите да почнат со калкулации за нов датум за избори.

Потпретседателот на најголемата партија на власт, СДСМ, Мухамед Зекири, смета дека доколку состојбата се подобри, изборите би било најдобро да се одржат пред октомври.

„Посакуван датум беше 12 април, сега датумот ќе се согласиме дека зависи од ситуацијата. Не сакаме  да ги ставаме во опасност граѓаните. Нивното здравје е најважно за нас, потоа ќе

одиме на избори“, вели Мухамед Зекири – потпретседател на СДСМ

ТВ21: Се спомнува 11 октомври. Имате ли информации за тоа?

„Не, не сум слушнал за тој датум, но секако чекаме, јас лично, мислам дека изборите ќе се случат многу порано од октомври“, додава Зекири.

Вицепремиерот и портпарол на ДУИ, Бујар Османи, не кажува датум или конкретен месец кои би биле прифатливи за интегративците.

„Рокот е определен со закон, 21 ден по денот од завршувањето на вонредната состојба. Така што рокот зависи од одлуката на Претседателот кога ќе ја укине вонредната состојба, што ќе зависи од состојбата на терен. Мислам дека Претседателот и по поминувањето на пандемијата ќе се консултира со партиските лидери пред да ја укине вонредната состојба со што започнува истекот на рокот од 21 ден“, вели Бујар Османи.

За ВМРО-ДПМНЕ најважно е здравјето на граѓаните и економијата, а за датум за избори ќе зборуваат по завршување на кризата, за која велат дека владата не е способна да ја менаџира.

Албанската опозиција поконкретна во своите ставови. Лидерот на АА, Зијадин Села пред неколку дена на ТВ21 рече дека летото би било најприфатливо за избори.

„Тоа значи дека ние треба да ја фатиме средината на летото кога температурите се највисоки, бидејќи познато е дека овој вирус на високи температури не преживува долго. Затоа, најдобро решение е крајот на јули или почетокот на август“, вели Зијадин Села.

На 18 март, еден ден пред лидерската средба, беше прогласена вонредна состојба. На 21 март владата донесе одлука за прекин на изборниот процес. Член 5 предвидува “спроведувањето на изборите ќе продолжи од денот на прекинот на вонредната состојба“.