Се погласните најави на официјална Албанија дека ќе бара раздвојување на пакетот со Македонија за старт на преговорите со Европската унија, за романскиот министер за надворешни работи Богдан Ауреску се неприфатливи. Тој истакна дека Романија е силен поддржувач на Македонија кон патот на Европската унија и смета дека треба да ги почнеме преговорите што е можно побрзо.
„Немаше разговори за раздвојување на Северна Македонија и Албанија и не го поддржуваме тоа раздвојување во овој момент. Мислам дека е важно да се најде решение што е можно побрзо да се започнат преговорите со пристапување со двете земји заедно“, вели Ауреску.
Албанија го има правото да побара раздвојување но таквата одлука нема да има долгорочен интерес, вели за ова министерот Османи. Сепак тој потсетува дека за тоа одлуката ја носат земјите членки на Европската унија.
„Сум свесен дека и Албанија го дели мислењето дека долгорочно тоа не и одговара а мислам дека и многу земји членки на Европската унија сметаат дека тоа ќе ја влоши регионалната динамика ако тоа се случи. За сега немаме сигнал од ниту една земја членка која би преферирала одвојување на пакетот. Сите се заинтересирани да се заврши оваа работа за двете држави. Но дека прашањето ќе се актуелизира од јуни доколку ние не ги почнеме преговорите во тоа сум сигурен“, вели Османи.
Во однос на преговорите со Бугарија и обвинувањата од опозицијата дека постои нон-пејпер кој се држи во тајност, Османи вели дека засега се уште не може да информира бидејќи официјална Софија се уште не се изјаснила дали го прифаќа. Кога ќе имаме согласност ќе ја информираме целата јавност за сите детали рече Османи.
„Да има еден таков документ кој што ние сме спремни да го прифатиме меѓутоа се додека не добиеме одговор дека е тој прифатлив и за Република Бугарија сметам дека не се созреани тие предуслови да можам јас да ги информирам пратениците или да ја информирам јавноста бидејќи тој предлог би можел да биде одбиен и тогаш целата таа операција би била непотребна“, вели Османи.
За последните барања на бугарскиот претседател Румен Радев да не се прифаќа Бугарите во Македонија да се нарекуваат малцинство, Османи вели дека не ја разбира таквата реторика на Радев, бидејќи кај нас постои термин етнички заедници. Во однос, пак на непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија американскиот Стејт департмент излезе со став дека Бугарија ги крши нивните права.
„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединетата македонска организација – Илинден, Друштвото на угнетените Македонци – жртви на комунистичкиот терор, Здружението за одбрана на индивидуалните граѓански права и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, и покрај 14 претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите“, велат од Стејт Департментот.
Инаку, бугарскиот премиерот Кирил Петков заедно со бугарската потпретседателка Илијана Јотова во сабота доаѓаат во Битола, како што информираат по сопствена иницијатива, а ќе го посетат бугарскиот клуб и ќе присуствуваат на отворање библиотека со бугарска литература.
