Поради тешко пристапниот терен на местата на кои се активни најголемиот дел од пожарите, гаснењето е можно единствено од воздух. Од Центарот за управување со кризи велат дека сите воздухоплови, домашни, но и од странска помош, работат на гаснењето.
Според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов најголема опасност има за шумите, но не и за населените места. Најмногу воздухоплови, четири, го гасат пожарот на планината Серта кон Штип и Неготино, а други се справуваат со огнот кај гевгелиско Негорци, струмичко Ново Село, радовишко, Чашка, Зелениково… На помош пристигнаа и романските воздухоплови „Спартан“ и „Херкул“. Прва дестинација на Спартанот, кој носи пет тони вода, е пожарот под врвот Солунска Глава.
„Карактеристично за Спартанот е тоа што на местото каде што ги фрла таканаречените „водни бомби“ не треба да има луѓе на земја, односно не смее да има пожарникари или други гасначи, бидејќи „водните бомби“ претставуваат опасност за луѓето“, вели Стојанче Ангелов.
Покрај романските, активирани во гаснењето досега беа и два турски авиони и еден хеликоптер, два хеликоптера од Словенија, еден српски хеликоптер, како и еден канадер од Хрватска. Од Мисијата на ЕУ во земјава, велат дека сите овие воздухоплови се вклучени благодарение на земјите-учеснички во Механизмот за цивилна заштита, кој го активираше Европската Унија.
„Голема благодарност до сите пријателски држави, коишто со своите летала помагаат да се справиме со огнената стихија, којашто ја зафати државата последната недела“, порача Стојанче Ангелов.
„ЕУ отсекогаш била тука за Северна Македонија во тешки времиња. Нашата брза и суштинска помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ обезбедува витална поддршка за локалните напори во борбата против разорните шумски пожари“, вели Дејвид Гир
Поради тешко пристапниот терен, онаму каде што можат, пожарите ги гасат и над сто припадници на Армијата и повеќе од триесет полицајци.
