Македонија го слави денот на НАТО како полноправна членка на Алијансата и ние гордо стоиме рамо до рамо со нашите сојузници во градењето мирно и слободно општество, истакна премиерот Ковачевски на одбележувањето на 4 април денот на НАТО. Тој рече дека Македонија ја осуди руската агресија врз Украина како неоправдана и како сериозно кршење на меѓународното право. Ковачевски истакна дека патот до нашето членство во алијансата беше долг, но сега чекориме и кон започнувањето на преговорите со Европската унија.
„Процесот на интеграција на Република Северна Македонија во НАТО алијансата беше долг, но сега во време на воена криза од вакви размери согледуваме колку е значајно да се биде земја чија што безбедност се гарантира од страна на најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот. Северна Македонија целосно ја усогласи и својата надворешна политика со политиките на земјите членки на НАТО и со политиките на Европската унија и ги донесовме сите одлуки заедно со сојузниците“, истакна Димитар Ковачевски.
Во овие денови особено е важна улогата на Македонија, а руската агресија врз Украина покажува колку е важно членството во НАТО, истакна заменикот помошник генерален секретар на НАТО Кармен Ромеро.
„Во овој контекст и во оваа нова неочекувана реалност би сакала да ја пофалам нашата најнова членка Северна Македонија, за вашата посветеност на НАТО, за тоа што бевте навистина извонреден сојузник и клучен елемент за стабилноста на Западен Балкан. Напорот на Северна Македонија за унапредување и промовирање на безбедноста, стабилноста и напредокот во регионот е навистина одлучен за сојузот“, вели Кармен Ромеро.
И амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава Кејт Мери Брнз ја истакна важноста на членството во НАТО а Македонија ја покачува својата одлучност и посветеност за мирот во регионот, истакна амбасадорката.
„Како вреден и рамноправен партнер Северна Македонија доброволно го сподели товарот за одговор на оваа актуелна закана. Стоејќи рамо до рамо во солидарност со своите соседи и сојузници, цврста во својата посветеност на мирот и безбедноста за цела Европа преку дипломатски и воени средства Северна Македонија е пример на духот на овој одбранбен сојуз кој беше создаден пред 73 години“, порача Кејт Мари Брнз.
НАТО годинава ја одбележува 73-тата годишнина од нејзиното формирање, а Македонија стана членка на Северноатлантската алијанса пред две години.
