Американскиот државен секретар Марко Рубио престојува во четиридневна посета на Индија, каде во Њу Делхи оствари средба со индискиот премиер Нарендра Моди. Во фокусот на разговорите биле енергетската безбедност, трговската соработка, состојбата на Блискиот Исток и идните односи меѓу двете земји.
Според американски претставници, Рубио му упатил покана на Моди за посета на Белата куќа, додека индискиот премиер соопштил дека разговарале за регионалната и глобалната безбедност.
Посетата доаѓа во период на светска енергетска криза, дополнително продлабочена поради војната со Иран и тензиите околу Ормускиот теснец, преку кој минуваат околу 20 проценти од светските испораки на нафта и природен гас. Поради ограничениот транспорт низ теснецот, Индија, која увезува повеќе од 80 проценти од енергетските потреби, се соочува со сериозни последици.
Рубио по средбата порача дека САД нема да дозволат Иран да го загрози глобалниот енергетски пазар и нагласил дека американските енергетски производи би можеле да помогнат во диверзификацијата на индиското снабдување со енергија.
Вашингтон воедно сака да го зголеми извозот на енергенси кон Индија, што би помогнало и во намалување на големиот трговски дефицит што САД го имаат со Индија. Според податоците, американскиот трговски дефицит со Индија во 2025 година достигнал 58,2 милијарди долари.
Сепак, аналитичарите оценуваат дека американската енергија не е лесно и брзо решение за Индија, бидејќи транспортот е значително поскап и подолг во споредба со сегашните рути.
Покрај енергетиката, разговорите се одвиваат и во сенка на трговските несогласувања меѓу двете земји, но и поради различните ставови околу улогата на САД во минатогодишниот конфликт меѓу Индија и Пакистан.
Во рамки на посетата, Рубио ќе учествува и на состанокот на министрите за надворешни работи на КВАД, група составена од Индија, САД, Австралија и Јапонија, чија цел е зајакнување на соработката во Индо-Пацификот и балансирање на влијанието на Кина во регионот.
