Румен Радев останува претседател на Бугарија – Германија очекува Софија да даде зелено светло

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓаните одлучија за отстранување на мафијата од власт и раскрснување со криминалот, рече старо-новиот претседател на Бугарија, Румен Радев откако синоќа убедливо го победи неговиот против кандидат Анастас Герџиков.

„Борбата со пандемијата останува приоритетна задача, а новата Влада не смее да отстапи од националните позиции, особено кога залогот е за бугарскиот идентитет и историја и правата на нашинците во другите земји“, посочи Румен Радев.

На изборите кои ги одбележа рекордно ниска излезност од околу 40 проценти, Радев освои 66 отсто од гласовите, додека Герџиков – ректорот на софискиот универзитет доби доверба од 32 проценти.

Герџиков беше поддржан партијата на Борисов – ГЕРБ, додека Радев покрај бугарската Социјалистичка партија го поддржаа и победниците на парламентарните избори – “Продолжуваме со промената”, како и партијата “Има таков народ”.

„Целиот државен апарат работеше за актуелниот претседател. Нема потреба да објаснувам што значи тоа. Сите министерства беа вклучени во неговата кампања на г-дин Радев“, вели Анастас Герџиков.

Меѓу првите кои упатија честитки до старо – новиот претседател на Бугарија беше и македонскиот премиер Зоран Заев.

„Се согласивме дека Бугарија и Северна Македонија ќе продолжат низ дијалог и меѓусебно разбирање да бараат решенија во име на заедничката европска иднина“, посочи Зоран Заев.

Пред утрешниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ во Брисел, државниот министер во германското МНР Михаел Рот и порача на Софија дека е време за исполнување на обврските.

„Кај темата проширувањето на ЕУ се работи за ништо помалку од веродостојноста на ЕУ на Западниот Балкан. Во светло на одржаните избори во Бугарија, сега е многу важно бугарското раководство да си ја исполни европската обврска и да го отвори патот за првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија“, вели Михаел Рот.

Сега Радев треба да го додели мандатот и по три изборни циклуси Бугарија да добие Влада. Надежите во Скопје се дека тоа ќе се случи во наредните недели со што би се отворил патот за давање зелено светло за почеток на пристапните преговори со ЕУ на самитот закажан за 14 декември годинава.