Продолжуваат гранатирањата низ градовите во Украина. Утрово мета на руските напади беше градот Днипро. Во раните утрински часови се случија три воздушни напади во градот. Беше погодена детска градинка, станбена зграда и фабрика за чевли. Стигнаа извештаи и за бомбардирања во градот Луцк, во северозападниот дел на Украина.
На 16-тиот ден од руската агресија, погодена е и психијатриска болница во источниот град Изум, информираа регионалните власти. Во болницата имало 330 луѓе, а бројот на жртвите сега за сега е непознат. Украинскиот Претседател, Володомир Зеленски рече дека во последниве два дена се евакуирани 100 илјади луѓе, а само вчера 40 илјади. Како што додава, евакуацијата на градот Мариупол е блокирана од Русите.
„Во претходните два дена евакуиравме околу 100 илјади луѓе, но Мариупол и Волноваха се целосно блокирани. Го правиме невозможното за да формираме хуманитарни коридори. Руските трупи не застануваат. Имајќи го предвид ова, јас одлучив да испратам конвој камиони во Мариупол со вода, храна и лекови“, истакна Володимир Зеленски.
Ова е терор и светот треба да го знае ова, истакнува Зеленски.
„Ова е отворен терор. Груб терор од искусни терористи. Светот треба да го знае ова. Мора да го признае ова. Ние сите си имаме работа со терористичка држава“, посочи Володимир Зеленски.
Зеленски ги отфрли наводите дека украинската војска подготвува хемиски напади. Вели дека Русија се обидува преку пропаганда да ги прикрие злосторствата што ги изврши над Украина. Украинските власти се надеваат дека во текот на денот успешно ќе биде отворен хуманитарниот коридор за цивилите да можат да го напуштат крајбрежниот град Мариупол, изјави вицепремиерката Ирина Вершчук. Напорите да се обезбеди слободен и безбеден премин за блокираните жители на градот во текот на оваа недела не вродија со плод.